Вработените во Мeдиумската информативна агенција (МИА) утре излегуваат на предупредувачки протест со барање за зголемување на платите, објави 24 инфо.
Предупредувачкиот протест ќе се одржи пред просториите на АД МИА со почеток во 11 часот, во траење од половина час, за време на паузата.
Протестот се организира со поддршка на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и Синдикатот на медиумските информативни агенции (СМИА).
„Новинарите и медиумските работници од МИА веќе подолго време бараат покачување на платите во согласност со колективниот договор и усогласување со трошоците за живот, но Владата досега не најде дека е потребно да одобри зголемување на платите во овој државен медиум“, велат од Синдикатот.
Предупредувачките протести ќе продолжат и во наредните денови, а во случај тие да не резултираат со разбирање и прифаќање на барањата на вработените, се најавуваат порадикални чекори.