Во чест на празникот „Свети Климент Охридски“ во Собранието на Република Македонија денеска беше врачена истоимената државната награда за 2018 година.
Добитници годинава се просветните работници Кимет Агаи и Аднан Агаи за остварување во областа на воспитанието и образованието, режисерот Владимир Милчин, балетскиот уметник Емилија Стаменковиќ (Џипунова) и писателот Томислав Османли во областа на културата и уметноста и патофизиологот, специјалист по нуклеарна медицина проф. д-р Борислав Каранфилски во областа на здравството.
Наградите им ги врачи претседателот на Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“, академик Влада Урошевиќ, кој рече дека наградата ја сфаќа како убава можност на дејците во културата да им се надомести барем мал дел од тоа што навистина го заслужиле.
– Културата е се помалку присутна во медиумите. Време е да ја ослободиме културата од комерцијализацијата и политизацијата. Единствен наш вистински адут во барањето рамноправно место меѓу народите е културата, од воспитанието и образованието до највисоките дострели на уметноста. Доделувањето на оваа награда ја смета како убав придонес кон надминувањето на опасностите кои ја демнат македонската култура, додаде Урошевиќ.
Од името на добитниците се заблагодари проф. Каранфилски, кој рече дека наградата е израз на посебно високо општествено признание за постигнатите резултати.
Посочи дека неговите постигнати резултатит не би биле можни без долгогодишна поддршка на неговата матична институција Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, на Медицинскиот факултет во Скопје и неговите драги соработници и колеги од Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина со кои изминатите години работеле посветено.
– Го оформивме Институтот и ја збогативме наставната програма со нов предмет, ја воведовме како наставна содржина и нуклеарната медицина со широка примена на радиоактивни изотопи во многу медицински области. Заедничко за сите добитници на наградата е фактот дека ова признание не задолжува сите нас да продолжиме со творење со истата енергија и посветеност секој во својата област за доброто на нашиот народ и нашата земја, додаде проф. Каранфилски.
Наградата „Св. Климент Охридски“ е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Македонија.