Адвокатскиот тим на Бојан Јовановски – Боки 13 информира дека тој иницирал постапка пред јавниот обвинител Ислам Абази, шеф на ОЈО за ГОКК Скопје.
На ден 16.02.2023 година Бојан Јовановски во писмена форма, своерачно потпишана од негова страна, побара да биде изведен во најкус можен рок, исклучиво пред обвинителот Ислам Абази и во присуство на полномошниците м-р адвокат Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје и Сашо Дуковски адвокат од Скопје, поради тоа што истакнува дека единствено има доверба во посочениот јавен обвинител. Бојан Јовановски во писмото до јавниот обвинител истакна барање за поднесување на кривини пријави на записник кои се однесуваат на лица и настани поврзани со коруптивни, казниви дела и криминални дејствија на лица од највисоките државни структури од сферата на политиката, правосудството, бизнис елитата и други лица кои биле во заедничка корелација на сторување.
Со наведеното ја информираме јавноста дека започнува исклучително сериозен и сензитивен процес, дотолку повеќе што Бојан Јовановски при поднесувањето на кривичните пријави на записник ќе ги предаде сите докази во поткрепа на пријавите , а доказите кои ги поседува се во форма на снимени разговори, транскрипти, пораки, фотографски и видео записи ( т.н. “бомби” ) како што е и наведено и во самото барање до јавниот обвинител од страна на Бојан Јовановски, се вели во соопшетението.
Адвокатите на Боки 13 информираат и дека ќе бидат споделувани информации за отпочнатиот процес и ја повикуваат јавноста со внимание да го следи процесот, особено важно, како што велат, поради статусот и положбата на подносителот Бојан Јовановски.
Апелираат дека после започнување на овој процес, тој ќе биде изложен на интензивирана тортура, притисоци и закани, па оттука повикуваме на разумност и поддршка од општата и стручната јавност.
Како што е познато, поранешниот премиер, Зоран Заев, со кого Боки 13 беше близок, како и со останатите структури од власта, на власт дојде токму со тн. бомби или заевки – прислушкувани и снимани разговори.