ДУИ повторно се нафрли врз Охридскиот договор, како да е нивна лична тапија. Наводно го брани, а всушност го држи како заложник за своите партиски интереси. Партијата што некогаш се прогласи и за „зелена“, денес го попречува унапредувањето на едно од најважните начела на Охридскиот договор – правичната и соодветната застапеност, стои во соопштението на ВРЕДИ, што МИА го пренесува интегрално.

Цели 22 години ДУИ ги имаше и ножот и погачата. Имаше министри, пратеници и власт до гуша. Можеше да го донесе законот кога сакаше, но не го направи тоа. Не затоа што не знаеше, туку затоа што не сакаше.

Без закон, работните места ги делеа како да се личен подарок од Али Ахмети. Едно работно место – едно семејство како заложник. Ако беше со нив, вратата се отвораше. Ако не беше, остануваше надвор. Токму затоа не им одговараше правичната застапеност да биде право загарантирано со закон.

Сега, кога Законот за правична и соодветна застапеност е на маса, истата таа ДУИ го блокира. Бадентеровиот механизам, кој треба да ги штити интересите на заедниците, ДУИ го претвори во партиски камшик, со кој удира по секое решение што не го носи нивниот печат. Нив не ги интересира што добиваат Албанците. За нив е важно само ВЛЕН да не постигне успех.

Кога се на власт, сè им е добро. Кога ќе останат без фотелји, тогаш треба да запре и државата. Но, тој филм повеќе не поминува.

Охридскиот договор не е тапија на Али Ахмети, ниту сопственост на ДУИ, ниту наследство на луѓето што се држат за фотелјите во Мала Речица. Тој е резултат на жртвата на еден цел народ. Правичната застапеност не е партиска милостина, туку право на граѓаните и обврска на државата.

22 години не го донесоа законот. Сега се обидуваат да го блокираат. Законот мора да продолжи напред, без уцени и без блокади.

ВРЕДИ