Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи, на планините и на некои повисоки места од снег, а во пониските од дожд, кои повремено ќе преминуваат во снег.

-Ќе дува слаб до умерен, уште од претпладне, долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Слаб снег ќе има понекаде во планинските региони. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Во Скопје ќе биде променливо облачно со услови за слаб повремен дожд, на повисоко со услови за слаб снег и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне 8 степени.

Според прогнозата на УХМР, во наредните денови ќе биде облачно со повремени врнежи, на планините и на некои повисоки места од снег, а во пониските од дожд и услови врнежите повремено да преминуваат во снег.

-Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Од вторник облачноста ќе се намалува, а од среда времето ќе биде претежно сончево со ниски утрински температури, информира УХМР.

Најниска температура од минус три степени утрово е измерена во Маврови Анови, а највисока од 6 степени Целзиусови во Гевгелија.

УХМР информира дека -2 степени Целзиусови се измерени во Попова Шапка, -1 во Крива Паланка, 1 во Крушево, Виница и во Тетово, 2 во Скопје-Зајчев Рид, Штип, Берово Охрид, Битола, Велес и Претор, 3 во Кавадарци и Прилеп, 4 во Демир Капија и Струмица и 5 степени во Скопје-Петровец.

Висината на снежната покривка измерена во 7 часот изнесува 29 сантиметри на Попова Шапка, 7 во  Маврови Анови и 1 сантиметар во Крива Паланка.