Времето во Македонија денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи локално во форма на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 16, а максималната од 22 до 27 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен дожд. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне 26 степени.
Според УХМР, до среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со засилен ветер, обилен пороен дожд за кратко време и изолирана појава на град. Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок. Температурите ќе бидат без значителна промена.
Изминатото деноноќие најмногу дожд наврнал во Берово, 14 литри на метар квадратен, а најмалку во Крива Паланка, Крушево, Маврови Анови и Гевгелија, еден литар на единица површина.
До 08:30 часот се измерени и 8 литри на метар квадратен во Лазарополе, 7 во Штип, 3 во Струмица, како и 2 во Куманово, Битола, Демир Капија и Кавадарци.
Според УХМР, утрово е најсвежо на Попова Шапка и во Лазарополе, 10 степени целзиусови, а максимални 18 степени е во Тетово и Скопје-Зајчев Рид.. Единаесет степени е во Берово, 12 во Маврови Анови, 13 во Крушево и Крива Паланка, 14 во Битола и Охрид, 15 во Прилеп, Виница и Струмица, 16 во Штип, Дебар, Кавадарци и Претор, како и 17 степени во Дојран, Велес, Куманово, Демир Капија, Гевгелија и Скопје-Петровец.