Најниска температура изутринава во 7 часот е измерена на Попова Шапка, – 4 степени,  каде што има и снежна покривка од 31 сантиметар.

Најмногу дожд во изминатите 24 часа наврна во Крушево, 55 литри на квадратен , по што следуваат со 52 Охрид, 48 Претор, 39 Маврови Анови, 35 Пожаране, 34 Крива Паланка, 32 Битола, 31 Тетово, 24 Прилеп, Тополчани, 23 Попова Шапка, 19 Берово, 16 Штип, Виница, Струмица, 15 Велес, 14 Скопје-Зајчев Рид, 13 Ѓуриште, 12 Скопје-Петровец, Пожар-Радовиш, 8 Кавадарци, 6 Демир Капија, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Во Куманово се измерени – 3 степени, во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид и  Mаврови Анови, -1, Крива Паланка, Штип, Велес и Kрушево, 0, Тетово, Охрид и Виница 1,  Претор и Кавадарци, 2, Демир Капија, 3, Прилеп и Берово,4, Битола и Струмица,5, Гевгелија, 7.

Снежна покривка од два степена има во Крива Паланка.

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од снег, а во пониските места од дожд и снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од северозападен правец над 60 километри на час.

Максималната температура ќе биде во интервал од 1 до 8 степени. Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 2 степени.

Снег и на понисите места

Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите од дожд ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места. На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 0 до 10 степени.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 5 степени.

Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурата ќе биде во опаѓање.

Забрана за автобуси  кон Попова Шапка

Поради обилни врнежи од снег на патниот правец Тетово – Попова Шапка од 9:25 часот се воведува забрана за сообраќај за автобуси, а за автомобилите е задолжителна зимска опрема (синџири), иформира АМСМ.

Претходно, АМСМ соопшти дека изутрина во 5.15 часот е воведена забрана за камиони на патот Струга – ГП Ќафасан. Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни  коловози. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Куманово, Страцин, Крушево, Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека.

Од 10 часот на ГП  Ники (ГП Меџитлија) ќе има забрана за движење товарни возила, која ќе трае во наредните 48 часа заклучно со 10 јануари во 10 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила ќе се одвива со нормален тек.

ФОТО: Архива