Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 36 до 43 степени. УВ-индексот ќе има вредност 10.
Во Скопје сончево и многу топло. Минималната температура ќе се спушти до 21, а максималната ќе достигне 41 степен.
Според прогнозата на УХМР, во наредните денови ќе се задржи сончево и многу топло време со максимална дневна температура која насекаде ќе биде над 30 степени, а наместа ќе надминува 40 степени, поради што до крајот на работнава седмица ќе биде активно портокаловото ниво за опасност од високи температури.
-Во петок и за време на викендот во попладневните часови ќе има локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер и дневната температура ќе биде во постепено опаѓање, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Од Институтот за јавно здравје препорачуваат граѓаните во овие екстремно топли денови со себе да носат шише вода, да имаат лесна, светла и комотна облека, да се тушираат со посвежа или млака вода кога чувствуваат дека им е топло, да се носи капа, шешир или чадор за заштита, доволно да се спие, да се јаде овошје и салати, да се избегнуваат алкохол, кафе, чај, како и топла, зачинета и солена храна што може да дехидрира.
Надлежните советуваат активностите на отворено да се спроведуваат пред 11 и по 17 часот. При престој на отворено, да се биде во сенка. Доколку се престојува во затворен простор со вклучено ладење од клима-уред, препорачливо е да се исклучи климата барем половина час пред да се излезе надвор на топло.
Поради топлотниот бран што ја зафати земјава, Владата одлучи бремените жени и лицата над 60 години до четврток да бидат ослободени од работа.
На работодавачите им се препорачува да ги реорганизираат работните активности за да се избегне вршење на градежни и други физички активности на отворено во период од 11 до 17 часот, а на градинките да не се изнесуваат децата надвор во тој период од денот.
Фото: МИА архива