Владата на Доналд Трамп смета дека Украина е спремна да ги поддржи американските барања за склучување примирје со Русија, изјави висок американски функционер. Државниот секретар на САД Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Волц ќе се сретнат со своите украински колеги утре во Ријад.

Доналд Трамп го засили притисокот врз Володимир Зеленски да ги прифати неговите барања за брзо примирје, но без моментално ветување за безбедносни гаранции. Пред десет дена, тие жестоко се судрија во Белата куќа, при што Трамп го обвини Зеленски дека не е спремен за крај на војната.

„Фактот дека Украинците доаѓаат во Ријад со највисоки функционери е добар показател за нас дека тие сакаат да седнат и се спремни да почнат со разговори“, изјави функционер од Стејт департментот.

Иако и Зеленски ќе биде во Ријад, не се очекува тој да има формална улога во разговорите со САД. Украинскиот тим ќе го сочинуваат шефот на неговиот кабинет Андриј Јермак, советникот за национална безбедност и министрите за одбрана и надворешни работи.

„Се надеваме на резултати, како за доближување кон мирот, така и за продолжување на поддршката“, изјави Зеленски.

Специјалниот американски претставник за Блиски Исток, Стив Виткоф, изјави дека во Ријад ќе се разговара за рамка за мир, во обид да се заврши војната. На агендата би можел да биде и договорот за минерали, што не беше потпишан при посетата на Зеленски на САД.