Врховниот суд на Грција денеска ќе ги разгледа доставените кандидатури на партиите за нивно учество на изборите на 21 мај, ќе донесе одлука кои од нив ги исполнуваат условите и критериумите, а меѓу партиите е и онаа на поранешниот пратеник од Златна зора, Илиас Касидиарис осуден за формирање криминална организација, јави дописничката на МИА од Атина.

Национална партија –Грци, која во Грција се нарекува и „партијата на Касидиарис“, со промена на првиот човек се обиде за да го заобиколи постоечкиот закон што може да го блокира учеството на претстојните парламентарни избори во земјата, а Врховниот суд до крајот на денешниот ден ќе излезе со одлука.

Грчкиот Парламент има изгласано закон и дополнителен амандман со кои се предвидува забрана за учеството на изборите на партија чиј претседател, генерален секретар или вистински лидер е осуден за криминално дело.

Касидиарис, кој моментално е во затвор, во периодот од 2012 до 2019 година беше пратеник од Златна зора, а во октомври 2020 година беше осуден на затворска казна од 13 година и шест месеци поради формирање криминална организација

Партијата според истражувањата на јавното мислење во Грција, добива доволен рејтинг за да го помине неопходниот изборен праг од три отсто и да обезбеди место во Парламентот.

Освен за партијата на Касидиарис, Врховниот суд на Грција ќе одлучува и за останатите партии кои доставија барање за учество на изборите на 21 мај, односно за вкупно 48 кандидатури на партии, коалиции или самостојни кандидати.