Врховниот суд на Португалија пресуди дека компаниите нема да можат да ги обврзуваат работниците да работат во сабота и недела ако имаат деца помлади од 12 години.
Исклучок ќе бидат „незаменливите работници“.
– Правото на усогласување на активностите со семејниот живот и правото на заштита на татковството и мајчинството се содржани во Уставот и не можат да се одлагаат со други професионални права или должности, се наведува во пресудата.
Доколку компаниите сакаат нивните вработени, кои имаат деца под 12 години, да доаѓаат на работа во сабота и недела, ќе треба на суд да докажат дека се незаменливи на работното место и дека со нивното отсуство може да биде загрозена дејноста на компанијата.
Со оглед на тоа што некои работници сега може да имаат бесплатни викенди, постои можност работниците без деца на наведената возраст да бидат оптоварени со дополнителна работа. Во оваа насока, Врховниот суд извести дека во случај на неможност за изнаоѓање решение, неопходно е да се примени „позитивна дискриминација во корист на семејството“.
Врховниот суд во Португалија, земја со 10,3 милиони жители, ја донесе оваа одлука откако една жена од градот Алмада, во 2019 година поднесе жалба против одлуката на мултинационалната компанија за која работеше. Таа тврдела дека и нејзиниот сопруг работи за викенд и оти нема кој да ги чува нивните две деца додека се на работа.
Компанијата, чие име не беше споменато, тогаш одговори дека е подготвена да ја ослободи од работа за време на викендите, но дека нема да се обврзува на тоа во иднина доколку работата бара нејзино присуство.
Случајот потоа дојде до суд, а конечната одлука ја донесе Врховниот суд.