Едно лице загина на лице место, а од повреди од пукањето со автоматско оружје во пукотниците што ноќеска половина час по полноќ се случи на улица Франклин Рузвелт, пред зградата на Специјалното јавно обвинителство, во Скопје почина уште еден од тројцата патници во возилото „сеат алтеа“.
Од Ургентен центар потврдија дека на повредите им подлегнал и 47-годишен кој два часа по приемот, односно околу 3 часот по полноќ, им подлегнал на тешките повреди од истрелите од огнено оружје.
– И покрај напорите на лекарскиот тим, повредениот им подлегна на повредите, изјави д-р Алберт Леши, раководител на Ургентен центар во комплексот-клиники Мајка Тереза.
Триесет минути по полноќ во Ургентниот центар биле донесени три лица со повреди од огнено оружје. Кај едниот била веднаш констатирана смрт, другите двајца биле хоспитализирани на КАРИЛ со животозагрозувачки повреди и едниот починал два часа по приемот.
На третиот хоспитализиран му е извршена хируршка интервенција во текот на ноќта и продолжува да се лекува на Интензивна.
Според извори од истрагата, врз возилото „сеат алтеа“ во кое биле трите лица пукале непознати сторители од возило во движење. На самото место на престрелката убиен бил 44-годишниот Н.А. а другите двајца Ф.Е (1999) и А.П. (1969) со амбулантни возила ноќеска биле пренесени во Ургентниот центар.
Од МВР соопштија дека се уште работат на расчистување на случајот.
По наредба на јавен обвинител, телата на двете лица убиени во престрелката на „Рузвелтова“ се предадени на обдукција на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, а возилото „сеат алтеа“ во кое се превезувале е подигнато за вештачење, соопшти Јавното обвинителство на РМ.
ЈОРМ информира дека на местото на настанот биле подигнати 25 чаури, траги од крв, облека од убиените и од третото повредено лице и други докази кои со наредба на јавен обвинител ќе бидат предадени на вештачење.
– По насоки од дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, екипи на СВР Скопје, крим-техника и на Одделот за крвни деликти при МВР извршија увид на местото на настанот.
Трите лица се превезувале со „сеат алтеа“ со скопски регистарски таблички, кога врз нив половина час по полноќ бил отворен оган од возило во движење, кое веднаш го напуштило местото.