Српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќањето до јавноста, поради неможноста за постигнување компромис со Косово најави формално-правна борба и повеќе мерки на Србија, меѓу кои се скорешно објавување на нотите на земјите кои го повлекле признавањето на Косово, барање до петте земји на ЕУ кои не го признале Косово да не ја поддржат најавената апликација за членство во ЕУ на 15 декември и барање до КФОР да обезбеди распоредување српска војска и полиција на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ посочи дека Србите 10 години го почитувале Бриселскиот договор, додека Албанците не го почитувале и дека сега Албин Курти кажува дека барањето за формирање на ЗСО во дијалогот е детска желба и дека тоа можеме да го добиеме само ако го признаеме Косово.
– Бидејќи ќе бидеме изложени на притисок, без разлика на цената дали да ги признаеме или да им дозволиме влез во ОН – не сум толку глупав како што на некои им изгледам и нема тоа да го прифатам. Не ми паѓа на памет. Ќе мора да го исполнат она што го потпишаа со Бриселскиот договор, посочи Вучиќ.
Тој рече дека по најавата дека Косово ќе поднесе барање за членство во ЕУ на 15 декември, испратил писмо до лидерите на пет земји кои не ја признаваат независноста на Косово.
– Денеска испратив писмо до претседателите и премиерите на петте земји кои не ја признаа независноста бидејќи прием можат да бараат само независни и суверени држави, а не оние кои не се признати од половина свет. Испратив писмо до лидерите на Кипар, Грција, Словачка, Шпанија и Романија и им се заблагодарив за поддршката и им посочив дека нашата заедничка борба покажа дека принципите на меѓународното право се единствениот можен принцип на кој сите заедно можеме да истраеме. Тоа се наши пријатели и верувам дека писмото нешто ќе значи, објасни Вучиќ.
Бидејќи со ова барање Косово го прекршува Вашингтонскиот договор, но и Бриселскиот договор, Вучиќ најави дека следниот понеделник или најдоцна во недела ќе ги покаже нотите на земјите кои го повлекле признавањето на Косово.
Вучиќ изјави и дека разговарал со преиерката Ана Брнабиќ и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ за следните чекори.
– Денеска го договоривме текстот на барањето што ќе го испратиме до командантот на КФОР во согласност со Резолуцијата 1244 за да обезбеди распоредување на припадниците на српската војска и полиција на територијата на Косово“, рече Вучиќ.
Според него, со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН потврдено е дека на договорен број припадници на војската и полицијата на Република Србија ќе им биде дозволено да се вратат во Косово за да извршуваат одредени функции.
– До денеска немало никакви разговори со КФОР за враќање на тие припадници, рече Вучиќ и додаде дека овде не може да има друго толкување и дека тоа барање мора да се прифати.
-Немам илузии дека ќе го одбијат тоа барање. Ќе најдат безброј причини да кажат дека тоа не е потребно и дека можат да ја контролираат ситуацијата иако немаат право на тоа. Мора да преземеме правни чекори за да не ни кажат дека ние никогаш не сме го побарале тоа и дека не сме поднеле такво барање, посочи српскиот претседател.
Како што рече, тој и цела Србија ќе бидат изложени на жестоки напади и притисоци однадвор, не само преку хибридна војна, туку убедливо со досега најголемите и најтешките можни притисоци и порача до сите – и до нашите во КиМ кои се борат за своите семејства и својот опстанок, како и до оние кои доаѓаат кај него, во наредните денови да нема предавање и нема ни да има.