Српскиот претседател Александар Вучиќ ќе престојува во Тирана на 20 и 21 декември на состанок на регионалната иницијатива Отворен Балкан, јави дописникот на МИА од Белград

На средбата, чиј домаќин е премиерот на Албанија, Еди Рама, ќе присуствува и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, јавија српските медиуми.

Претходниот состанок во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ се одржа на почетокот на ноември во Белград.

Претседателот Вучиќ тогаш најави дека следната средба ќе се одржи во Тирана во втората половина на декември, каде, како што очекува, треба да се потпише Меморандум за разбирање за работните дозволи.

Тој договор би значел дека работната дозвола издадена во која било од овие три земји ќе важи за сите членки на иницијативата, Србија, Македонија и Албанија.