Планот на Приштина да формира војска не е согласно ниту со правото, ниту со Резолуцијата 1244, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, додавајќи дека должност на КФОР е таа војска да ја распушти.
– Косово за нас претставува голема мака, особено поради потегот на Приштина и најавите за формирање војска, што не е засновано ниту врз правото, ниту врз Резолуцијата 1244. Обврска на КФОР е да ја распушти војската. Но тоа нема да го направи, туку ќе каже дека се е сменето откако прогласиле независност, истакна Вучиќ.
Тој порача дека ќе направат се што можат за да му помогнат на својот народ во Косово и да го зачуваат мирот.
Весникот „Блиц“, повикувајќи се на свои извори во српската армија, пишува дека српскиот претседател утре вечер ќе ги посети воените единици во копнената безбедносна зона (долж границата со Косово). Освен нив, Вучиќ ќе ги посети и единиците на Третата и Четвртата бригада на српската армија.
Засега се уште нема потврда од кабинетот на претседателот за ваква посета.
Косовскиот Парламент за утре има закажано гласање на пакет закони со кои сегашните Безбедносни сили на Косово (ФСК) ќе се трансформираат во војска на Косово.