Напаѓачот пред Народното собрание на Србија е Владан А., роден во 1955 година во Белград, изјави на прес-конференција српскиот претседател Александар Вучиќ и нападот го оквалификува како „терористички“.
„Драги граѓани на Србија, денеска пред Домот на Народното собрание на Република Србија, Владан Анѓелковиќ, роден 1955 година во Белград, со регистрирано живеалиште во општина Стари Град, изврши – ова е моја политичка проценка и како адвокат – ужасен терористички напад врз други луѓе и туѓ имот и предизвика општа опасност“, рече Вучиќ.
Тој рече дека конечното правно формулирање и квалификација на делото ќе го даде надлежното обвинителство.
„Ако сум во право, тогаш тоа ќе го направи ТОК (Обвинителство за организиран криминал), ако не сум во право, тогаш тоа сигурно ќе го направи Вишото јавно обвинителство во Белград“.
„Ова лице поседувало пиштол од 1993 година, се ослободил од пиштолот во 2018 година, кога тргнавме во акција за одземање оружје од луѓе, а од 2018 година има регистриран нов пиштол од марка „мелиор“, тоа е старо оружје“, рече Вучиќ.
Вучиќ, исто така, рече дека Владан А. е пензионер.
На конференцијата беше прикажано видео во кое уапсеното лице одговара на прашања од полицијата за мотивите на нападот.
Изгаснат е пожарот пред Собранието на Србија, приведен е маж поради пукање со огнено оружје
Изгаснат е пожарот што претпладнево уништи шатор поставен од приврзаници на властите пред Собранието на Србија и според српски медиуми, засега е јасно само дека е приведено едно лице. Околу зградата има голем број полицајци, меѓу кои и припадници на Специјалната антитерористичка единица (САЈ).
Српски медиуми блиски до властите веќе го користат зборот „напад“ во извештаите за инцидентот иако се уште нема официјално соопштение од полицијата. Во дел од нивните извештаи веќе е и објавено името на човекот кој пукал.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, денеска во 13 часот од Палатата Србија ќе има вонредно обраќање, потврдија од Претседателството. Според српски медиуми, тој ќе зборува по повод нападот во Пионирскиот парк, јавија српски медиуми.
Претходно, од Итната помош објавија дека еден маж е ранет во еден од шаторите пред да избувне пожарот откако во него било пукано од огнено оружје и тој е префрлен во Ургентниот центар на Белград.
Пожарникарите отвораат други шатори и проверуваат што има во нив.
Во Собранието во момент на инцидентот се одржува седница која не беше прекината.
Возилата на вработените во Собранието и на пратениците сè уште се паркирани на паркингот. Дел од возилата се оштетени, тврдат парламентарци.
Околу парламентот има голем број полицајци, вклучувајќи и членови на САЈ, и никому не му е дозволено да помине покрај зградата на Парламентот.
Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар на прес-конференција изјави дека „имале исклучително тежок случај“.
„Разговарав со човек кој бил застрелан и бил направен обид тој да биде запален. Сега е во операциона сала, со куршум кој е во ногата. Пациентот вели дека никогаш не го видел човекот што го застрелал“, рече Лончар.
Министерот за здравство истакна дека пред Народното собрание било пукано повеќепати.
„Човекот пукал повеќепати и кога не бил задоволен од тоа колку испукал, сакал да ги запали и предизвикал пожар. Повредите на повредениот се многу сериозни, се надевам дека ќе преживее. Дали сме стигнале до точка каде што, само затоа што имаме луѓе кои размислуваат поинаку, можат да страдаат? Ова е последно предупредување за сите нас и не смее да се случи повторно, ќе западнеме во многу сериозни проблеми“, заклучи министерот за здравство Златибор Лончар во вонредно обраќање до медиумите во Ургентниот центар на Клиничкиот центар на Србија.