Посетатата на САД, мигрантската криза и епидемијата на коронавирусот, беа главни теми на српскиот претседател Александар Вучиќ на денешното обраќање пред јавноста, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што потенцираше Вучиќ, посетата на САД ја оцени како успешна, во рамките на која „соговорниците во САД изразиле голема желба да ги сослушаат ставовите на Србија за косовското прашање“, при тоа порачувајќи да е „лажна веста дека постои готов план за решавање на косовското прашање и дека е постигнат договор“, бидејќи условот на Србија за почеток на дијалог со Косово е укинување целосно на таксите.

Српскиот претседател во врска со продолжување на дипломатските акции на Србија за повлекување на признавањето на Косово ги поврза со потребата од потпишување на договор со Приштина во рамките на бриселскиот дијалог, Косово да престане да аплицира за прием во УНЕСКО и други меѓународни организации.

Вучиќ потенцираше дека во Белата куќа со соговорниците, посредникот Ричард Гренел, советникот за национална безбедност Роберт О Брајан и Џарет Кушнер водел разговори и за иницијативата „мини Шенген„ за слободен проток на луѓе, стоки и капитал во регионот, што го поврза со постигнатите договори меѓу Белград и Приштина за обнова на авиолинијата, железничкото поврзување и изградбта на автопатот до Приштина.

Покрај косовското прашање, Вучиќ во обраќањето до јавноста говореше и за мигрантската криза, напоменувајќи дека „Србија ќе ги следи реакциите на ЕУ и дека нема да дозволи да биде паркинг за мигрантите.“

Околу заканите од коронавирусот, кој се уште не е евидентиран во Србија, акцентот го стави на неговото влијание врз светската економија и можностите да влијае и врз српската економија, особено во поглед на автомобилската индустрија.

На крајот од прес конференцијата, Вучиќ најави дека веднаш по неа ќе ги распише редовните парламентаарни избори во Србија.