Претседателот на САД, Доналд Трамп се сретна попладнево со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти во Овалната соба, каде што беше потпишан економски договор, а американскиот претседател ќе учествува и на трилатерална средба, јави дописникот на МИА од Белград.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во Белата куќа дека Белград и Приштина се посветени на економската нормализација и дека е постигнат чекор напред кон економската соработка.
По потпишувањето на документот, Вучиќ и Хоти му ја препратија „својата“ копија на Трамп, кој го стави својот потпис на договорот.
Како што пренесува „Блиц“, според договорот потпишан во Вашингтон денеска, Приштина, меѓу другото, ќе се приклучи на иницијативата за „мини Шенген“, без одлагање ќе започне изградбата на нови патишта и пруги, што подобро ќе го поврзе регионот, а во Белград ќе биде отворена канцеларијата на Американскиот фонд за развој.
По средбата во Белата куќа, Вучиќ и Хоти треба да се сретнат одделно со американскиот државен секретар Мајк Помпео, објави Гласот на Америка.
Церемонијата на потпишување на договорот, иако беше најавена, не беше пренесувано во живо, објави Си-Ен-Ен.
Косовската делегација доцнеше на состанокот во Белата куќа со американскиот претседател Доналд Трамп затоа што Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај се спротивставува на договорот со Србија, поради една од точките за езерото Газиводе, кое се наоѓа на границата помеѓу Србија и Косово.