Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека договорот за економско нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина е историски и дека „со нетрпение очекува да ги посети двете земји во не толку далечна иднина“.

– Навистина е историски, рече Трамп во Овалната канцеларија на Белата куќа, каде договорот го потпишаа српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти.

Белград и Приштина објавија дека ги нормализирале економските односи во рамките на преговорите, со посредство на Соединетите Американски Држави, кои, како што наведуваат, вклучуваат преместување на српската амбасада во Ерусалим од страна на Белград и признавање на Приштина од Израел.

По дводневните состаноци со претставници на администрацијата на Трамп, Вучиќ и Хоти се согласија да соработуваат за голем број економски прашања со цел да се привлечат инвестиции и да се отворат нови работни места.