Српскиот претседател Александар Вучиќ во гостувањето во српскиот јавен радиодифузен сервис РТС се осврна на односите меѓу Белград и Москва и денешното гласање на српскиот амбасадор во Генералното собрание на ОН, кој го поддржа исфрлањето на Русија од Советот за човекови права на ОН.

Вучиќ рече дека не може да ги прифати етикетите што му се ставаат на рускиот претседател Владимир Путин, односно дека го нарекуваат Хитлер.

– Тој не е ниту луд, ниту лудак, многу е стабилен и многу убаво разговаравме. Зборуваше за Украина, за Буча, рече дека се оди според планот, рече Вучиќ.

Српскиот претседател нагласи дека во наредните денови ќе се одреди судбината на Србија и дали ќе биде вклучена во пакетот санкции за нафтата.

– Сè уште немаме преземено никакви рестриктивни мерки против Русија и се надевам дека така ќе остане. Тоа му го кажав и на Путин. Ова е невозможна позиција, ја чуваме и ја штитиме нашата земја. Од што ќе плаќаме плати, ако нема инвестиции, рече Вучиќ.

На прашањето дали сегашната позиција на Србија е тешко да се одржи, Вучиќ рече дека Србија е воено неутрална држава, но дека политички е на европскиот пат. Тој додаде и дека Србија купила многу оружје, но дека ништо од тоа не може да стигне, бидејќи летовите се забранети.