Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград изрази благодарност до САД за донацијата од 5,1 милион долари за уништување на заостанатото оружје и оцени дека пред двете земји е период на воспоставување нова ера во меѓусебните односи, пренесува Бета.
По презентацијата на работата на деминерите во Центарот за деминирање во Велика Моштаница, Вучиќ истакна дека Србија и САД не можат да го менуваат минатото, но можат да влијаат врз иднината, додавајќи дека по тешките години од 1999 и 2008 година, со оптимизам гледа на развојот на билатералните односи.
Тој посочи дека оваа соработка ги опфаќа сите важни прашања, вклучително и позицијата на КФОР на Косово, како и решавањето на прашањето со Нафтената индустрија на Србија (НИС) во текот на септември, што не би било можно без американското разбирање. Како клучна пресвртница за Србија, Вучиќ го издвои неодамна започнатиот стратешки дијалог со Вашингтон.
Вршителот на должноста амбасадор на САД во Белград, Александар Титоло, потврди дека новата поддршка од 5,1 милион долари е наменета за уништување на заостанатите убојни средства, со што вкупната американска помош за Србија во оваа област надмина 34 милиони долари.
фото: архива




