Српскиот претседател Александар Вучиќ попладнево пристигна преку преминот Брњак во општината Зубин Поток што е негова прва дестинација од дводневната посета на Косово, јави Танјуг.
Вучиќ ќе го посети Зубин Поток и потоа и хидроелектраната Газивода. Подоцна ќе замине во посета на Лешк, Лепосавиќ и разговори со политички претставници на Србите во Косово во Звечан.
За утре се очекува Вучиќ да посети делови од централно Косово, и на крај ќе се обрати пред граѓани во Косовска Митровица.
Вучиќ пред браната на езерото Газивода, каде што започна дводневна посета на српските заедници во Косово, рече дека длабочината и тежината на несогласувањето меѓу Србите и Албанците најдобро може да се види на тоа место.
– Браната Газивода е изградена во 1981 година, и е од голема важност за Србите и Албанците.Поголем дел од Метохија добива вода од тука, како и Приштина во текот на летото. Езерото е од големо значење за нас, бидејќи без Газивода нема преживување на луѓето во Ибарски Колашин и Зубин Поток, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија инвестирала речиси 128 милиони динари во реконструкцијата на браната Газивода и најави дека до крајот на септември ќе бидат обезбедени уште 12 милиони динари за таа намена.