Македонија е под постојан притисок да го смени Уставот за да влезат Бугарите, а вчерашните парламентарни избори покажаа дека Бугарија во Македонија има вкупно 461 гласач.
Најголем број гласови за пратеници во бугарското Националното собрание добила ГЕРБ на Бојко Борисов, вкупно 127, потоа ВМРО-БНД со 91 глас, Продолжуваме со промената 69 гласа, 38 гласале за Демократска Бугарија, 30 за Преродба и 22 за Има таков народ на Слави Трифунов итн.
Во Македонија гласале вкупно 461 лице, а најголем број од нив, односно 172 гласале во амбасадата на Бугарија во Скопје.
Според последните податоци на бугарската Централна изборна комисија (ЦИК), како што пренесува БТА, од вкупно обработени 99,40 отсто од гласачките ливчиња, најмногу гласови на изборите во Бугарија доби коалицијата на ГЕРБ и Сојузот на демократските сили (ГЕРБ-СДС) со 25,37 отсто (632.097 гласови). Продолжуваме со промените е на второто место со 20,21 отсто (503.549 гласови), а на трето е Движење за права и слободи (ДПС) со 13,66 отсто (340.211 гласови). По нив следуваат партијата Преродба со 10,17 отсто (253.321 глас) и коалицијата „БСП за Бугарија“, предводена од Бугарската социјалистичка партија (БСП) со 9,32 отсто (232.101 глас) и блокот Демократска Бугарија со 7,46 проценти (185.753 гласа).
Под изборниот праг од пет проценти остануваат Бугарски подем на поранешниот технички премиер Јанев со 4,64 проценти (115.588 гласови) и Има таков народ, која добила поддршка од 3,83 отсто од гласачите (95.505 гласа). Опцијата „Не поддржувам никого“ ја одбрале 87.378 гласачи.
На вчерашните четврти парламентарни избори во Бугарија во последните 18 месеци, учествуваа 29 партии и коалиции. Право на глас имаа 6.600.000 граѓани.
Освен во Бугарија, Бугарите можеа да гласаат и на 755 избирачки места во 62 земји низ светот.
Тоа е сликата од гласањето за бугарските парламентарни избори во Македонија, која е под силен притисок од сите страни да ги внесе Бугарите во Уставот за да го продолжи патот кон ЕУ.
Од друга страна, од официјална Софија и бугарските политичари, постојано се жалат дека „Бугарите во Македонија“ биле обесправени.