Производителите на ориз, но и купувачите, се изненадени од цените во продавниците и прашуваат како е можно оризот да се продава над 100 денари килограм, а од земјоделците се откупува по 35 денари.
Како што пренесува Зелена берза, слични разлики во откупните и продажните цени има и кај други земјоделски производи.
Овие податоци, велат експертите, ја покажуваат реалната слика во македонското земјоделство, односно кој вложува труд, а кој од тоа заработува најмногу.
– Проблемот со ниските откупни цени на земјоделските производи се провлекува со години и никако да се реши. Во државата прекупците и трговците се тие што заработуваат, а земјоделецот не може да си ги покрие ниту трошоците. Трговците само ги уценуваат земјоделците и го собираат кајмакот. Не можам да разберам како оризот во маркетите се продава над 100 денари, а од земјоделците се откупува по 35 денари за килограм и ги уценуваат дека не е квалитетен. Истото го прават и со доматите, пиперките, краставиците итн. вели за весникот Вечер, Илија Каров, земјоделски експерт и универзитетски професор.
Извор: Зелена берза