Амбасадорот на Европската унија во Албанија, Луиџи Сореца, упати апел до политичките партии во земјата што побрзо да ги завршат изборните реформи,бидејќи,како што оцени, тие се клучни за интеграцијата на Албанија во ЕУ.
Сореца побара изборните промени што треба да произлезат од комисијата за изборни реформи, да бидат завршени пред јуни следната година, кога треба да се одржат локалните избори.
-Изборните реформи се клучни за Албанија на нејзиниот пат кон членството во ЕУ, како што беше нагласено и во заклучоците на Советот на Европската унија од јуни. Очекуваме политичките партии да работат заедно на изборните реформи ангажирајќи се на сеопфатен начин за да се третираат приоритетните препораки на ОБСЕ/ОДИХР,- изјави евроамбасадорот Сореца.
Тој, посочува дека Ад-хок парламентарната комисија направила многу добра работа за изборната реформа. Затоа, смета тој,овие напори треба да завршат што е можно поскоро, со измени во изборниот закон, донесени во потребното време пред локалните избори во 2019 година.
Евроамбасадорот Сореца функцијата ја превзеде на 18 минатиот месец и ова е прва негова изјава,која се случува во момент на постојани препукувања помеѓу власта и опозицијата за прашањето на изборите.
Обединетата опозиција вчера промовираше платформа наречена „Ослободување на изборите“,со која се бара декриминализација на изборниот процес, систем на мерки против купување гласови, кампањи финансирани од државата и електронско броење на гласовите.
Опозицијата смета дека доколку не се постигне тоа, во Албанија не може да има слободни и фер избори.
На тоа лидерот на владејачките социјалисти и актуелен премиер Еди Рама реагираше велејќи дека Баша сака да му ја даде во раце победата на изборите