Иако е против трошењето на средства за споменици во време на ваква голема економска криза, сепак премиерот Ковачевски не гледа ништо спорно во поставувањето на 20-метарскиот споменик во Слупчане. Според него, тоа било локална одлука на Советот на општина Липково и државата немала ништо со тоа, што секако е чудно ако се знае во чија слава и чест е подигнат овој споменик.
„Такви спомен-обележја одобруваат и градат општините. Тоа е изградено од општински средства и општинските советници и градонаалникот одлучиле дека тие финансиски средства треба да ги вложат во такво спомен-обележје.Точно е дека тие обележја треба да не потсетуваат на времиња кои што поминаа, треба да бидат школо и од нив треба да извлекуваме искуства дека треба да градиме држава која што нуди еднакви можности за сите граѓани и да не заборавиме дека ние сме мултикултурно, мултиетничко, мултиконфесионално општество“ – рече премиерот Димитар Ковачевски.
Но, сосема поинаква е состојбата со загинатите македонски тигри во кумановско „Диво насеље“, каде и по 7 години од крвавиот настан, нема поставено никакво спомен -обележје, ниту од Општината, ниту пак од државата, со оглед на тоа што не станува збор за локални, туку за државни безбедносни сили кои го бранеле интегритетот на Македонија. Како резултат на ваквите двојни аршини на власта и сомневајќи се дека државата нема ништо да направи, роднините на еден од загинатите полицајци во „Диво насеље“, кој по мајка е прилепчанец, со сопствени средства, на третата годишнина од убиството, споменик му подигнаа во Прилеп.
„Чувството е претешко, не можеме никогаш да го заборавиме. Не ни е јасно како дојде до таа ситуација да го изгубиме толку млад, не само него, туку и другите што беа со него….Тие беа многу млади, имаа живот пред себе..Треба некој голема одговорност да понесе“, – вели Сузана Џураков, тетка на Ненад Серафимосвски. (9.05.2022)
Kолку за споредба, и на Карпалак во тетовско, каде во 2001-та од заседа на албанските терористи беа убиени 10 македонски бранители од Прилеп, до ден денес нема изградено никакво спомен обележје, освен една мермерна плоча, поставена на банкината и која досега е кршена на неколку пати.
Каролина Дурло, Алфа ТВ