Новинарката од Слободен печат, Мирослава Симоновска синоќа во дебатниот магазин Клик плус на ТВ21 говорејќи за посочи дека видела досие на пациент кој бил починат во 2014 година, но „почнал да се лекува“ во 2022 година, а вечерва во Скопје е закажан нов протест поради големиот скандал на Клиниката за онкологија.
-Сум видела со сопствените очи едно досие од тој ултра систем, повторно од таа група што ми ги пратија како досиеа во декември 2022 година, каде што пациент кој што починал во 2014 година, во 2022 година почнува да биде лекуван некој во тоа досие со друга дијагноза канцер, рече Симоновска.
Според неа, засега непознато е дали тоа е административна грешка или пак правено со намера.
За вечерва, пак, во Скопје е закажан нов протест во врска со големиот скандал на скопската Клиника за онкологија. Протестот е закажан во 18 часот пред Владата на Македонија, а повикот го упатува платформата Одговорност, која од минатиот протест ја презема целокупната организација на протестите.
– Од минатата недела добивме и поддршка од онколошките пациентки кои веќе некое време протестираат пред ОЈО. До 1 Ноември остануваме со протести секој понеделник во 18 ч. пред Владата на Македонија, а по 1 Ноември, во консултација со онколошките пациентки ќе излеземе со соопштение на кој начин ги продолжуваме протестите. Денес, 09.10.2023, на протестот нема да се обратиме, ние организаторите, бидејќи се подготвуваме за следниот протест на 16.10.2023, каде ќе се обратиме со најновите информации и сознанија од Клиниката за онкологија. Изминатава недела остваривме и контакт со неколку медицински лица и сме во постојана соработка со истражувачките новинари кои ја почнаа оваа сторија, и згрозени сме од најновите сознанија. На 16.10.2023 ќе ги обелодениме дел од нив со вас, медиумите, и со јавноста. За крај, остануваме на 6-те Ултиматуми како и до сега, се вели во соопштението.
Инаку, на претходните протести на многуте транспаренти насобраните граѓани пишуваа: „Убивате за профит“. „Правда за жртвите“, „За болни физиолошки раствор, за криминалци – амнестија“, „Душите нивни ве демнат“…