Најтрофејниот македонски фудбалскиот клуб Вардар ги минува најтурбулентните години во своето постоење, кој преку баражот со Скопје ќе бара враќање во Првата македонска фудбалска лига, по својата двегодишна епизода меѓу второлигашите.
Иако со половина младински состав, пишува спортскиот портал Гол, без добиени плати со месеци, фудбалерите изборија трето место кое ги одведе во доигрувањето.
Неодамна, навивачката група Комити стана акционер во клубот, па сега се најавуваат подобри денови. Веќе е договорено пред баражот со Скопје, на фудбалерите да им се исплати вкупна сума од еден милион денари. Парите доаѓаат како помош од општината Кисела Вода, од каде градоначалникот Орце Ѓорѓиевски реши да помогне на македонскиот спортски бренд.
Покрај тоа, Општина Кисела Вода ќе остане партнер со клубот, па преку посредништвото на Комити ќе дава финансиска помош на Вардар. Исто така, претставниците на навивачката група најавија дека се очекува помош од локалната самоуправа на Гази Баба, Карпош, Аеродром, Бутел, како и уште пет-шест скопски општини.
Извор: Гол