Од Штип моментално в затвор се 40 граѓани поради неплатени сметки или кражба на струја, меѓу кои има и мажи и жени.

Мажите, како што пренесе порталот ММС, се во струмичкиот затвор, а жените во скопскиот затвор Идризово, каде има женски оддел.

Ова се информациите од Основниот суд во Штип, каде им се судело.

Како што објаснија од Судот, во најголемиот број случаи обвинетиот сторил кривично дело „Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ од чл.235-а ст.1 од КЗ.

За ова дело судот донесува пресуда за издаден казнен налог, со која му изрекува условна осуда, односно судот му утврдува казна затвор во траење од 3 (три) месеци, чие извршување се одлага условно за 1 (една) година, доколку за време на рокот за проверување обвинетиот не стори ново кривично дело.

На обвинетиот за истото кривично дело му изрекува и споредна казна – парична казна во висина од 20 евра до 5.000 евра во денарска противвредност, во зависност од количината на украдената струја, во рок од 30 дена по правосилноста на пресудата.

-Ако обвинетиот не ја плати паричната казна во определениот рок или истата не може присилно да се изврши, судот ќе ја изврши така што за секои започнати 20 евра во денарска противвредност од 1.230 денари, ќе определи еден ден затвор, со тоа што затворот не може да биде подолг од шест месеци, соопштија од Основниот суд во Штип.

Доколку паричната казна не може присилно да се изврши, а претходно од УЈП Штип е добиено известување дека не е присилно наплатена паричната казна, судот донесува Решение за замена на паричната казна во казна затвор.

-Најчесто обвинетите откако го добијат истото, почнуваат да ја плаќаат паричната казна на рати, а судот го повлекува Упатниот акт за затвор и донесува решение за запирање кое се доставува до УЈП. За останатите се донесува Упатен акт за издржување на казна затвор. Во моментот 35 од обвинетите се’ уште ги исплаќаат паричните казни на рати, а на 40 обвинети им е ефектуирана казната затвор.

Дури 310 решенија овој суд има донесено во изминатиот период, со кои неплатената парична казна се заменува со затворска.

Според граѓанските организации, кои се занимаваат со темата сиромаштија, тие што што се кредитоспособни, земаат кредит или се позајмуваат и тоа е долг процес на враќање пари. Тие што немаат начин да позајмат, немаат каде и завршуваат во затвор.

Праксата во Основниот суд во Штип покажува дека паричните казни кои се заменуваат со казна затвор најчесто се изрекуваат во висина од 3.690 денари, 7.380 и 12.300 денари, а поретки се повисоките казни во висина до 50.000 денари.

Извор: ММС