Охридско – струшката ривиера е подготвена за дочек на Новата 2019 година.
Иако Општина Охрид го откажа организираниот дочек на градскиот Плоштад, поради ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски, сепак забава под отворено ќе има во организација на Здружението на охридскиот угостителски еснаф и ХОТАМ.
Традицијата со неорганизирање дочек на Нова година од страна на Општина Струга, продолжува и годинава. Стружани најлудата ноќ ќе ја поминат во кафулињата, рестораните, но и во своите домови.
Двата крајезерски града блескаат во новогодишно руво, а покрај домашните гости најбројни се туристите од Бугарија, но и од останатите земји од соседството, Србија, Црна Гора и Албанија.
Хотелите и угостителските објекти се целосно исполнети за дочек на највеселата ноќ во годината.
Првиот човек на здружението на хотелиери Крсте Блажески смета дека интересот за посета на ривиерата е поради ниските цени на аранжманите. Цената на тродневен аранжман во хотел со вклучен дочек се движи околу 150 евра во зависност од категоризацијата на сместувачките капацитети.
Охриѓани и гостите на градскиот Плоштад ќе ги забавуваат Ѓоко Танески, Жармена, групите Бетис Бупс и Бекдор бенд и ди-џеј Петар.