Здружението на медицински сестри побара од албанската Влада под итно да преземе неопходни мерки за надминување на проблемите со кои се соочуваат, со цел да запре нивното се помасовно заминување во странство.
Според Здружението, од јануари до август годинава, Албанија ја напуштиле околу 3.000 медицински сестри, а уште стотици се подготвуваат да заминат по завршувањето на интензивните курсеви по германски јазик.
– Платите на медицинските сестри се многу ниски. Бараме тие да се зголемат и соодветно да се вреднува нашиот труд. Ова во континуитет сме го кажувале, но сега сметаме дека е крајно време Владата да пре земе сериозен чекор, зашто здравството ќе остане без овој кадар, се наведува во барањето на Здружението на албанските медицински сестри.
Барањето до Владата е упатено од Собранието на здружението на медицински сестри одржано во Лежа,на кое главна тема на расправа беа проблемите со кои се соочува овој здравствен кадар и се помасовното заминување надвор од земјата, главно во Германија.
Но, не само средно медицискиот кадар, во последните години масовно заминуваат и лекари од општа пракса, но и специјалисти. Иако точниот број не се знае, се претпоставува дека во последните четири години заминале повеќе од 1.200 лекари.
Причина е платата, но и условите за работа и можностите за унапредување во кариерата.