Грејната сезона уште не почната, а воздухот е загаден како никогаш досега во овој период од годината, а случајно или намерно токму кога  СДСМ е на  власт мерните станици во Лисиче, Гази Баба и Битола наеднаш престанаа да функционираат, вели Светлана Колариќ, советник во Советот на Град Скопје.

– Дали власта поради тоа што не презема никакви мерки за справување со загадувањето ги исклучи мерните станици со цел граѓаните да не знаат кое е нивото на  загаденост на воздухот со канцерогените ПМ 10 честички? Дали Скопјани и оваа зиме повторно ќе се гушат? Судејќи по односот на власта, одговорот е да! Што презема Зоран Заев и Петре Шилегов во насока на справување на загаденоста? Ништо, вели во изјавата за медиумите советничката Колариќ.

Таа додава дека Шилегов, кој  ветуваше експресно решавање на проблемот со загадување на воздухот, цела  година повторува дека нема инстант решение за загадувањето во Скопје.

– Дури и еден од петте постулати за европски и квалитетен живот од нивната  програма „План за живот“, на страница 114 е  чистата животна средина. Две години потоа владата нема преземено ниту еден чекор во насока на подобрување на амбиенталниот воздух. Граѓаните од населените места каде загадувањето е највпечатливо не можат да видат дали и колкаво е нивото на загадувањето, затоа што власта подолг период не ги сервисира мерните станици. Иако имаше време тоа да го направи и да  ги оспособи доколку навистина се нефункционални пред да започне сезоната на зголемено загадување, рече Колариќ.

Моменталната неактивност на одредени мерни станици, додаде таа, не може и не смее да биде оправдување за обврската граѓаните да добиваат известување за нивото на загадување на воздухот.

– Владата на ВМРО – ДПМНЕ мабави мобилни мерни станици на одредени факултети кои се во функција, па ако сакаат вистински да ги информираат граѓаните, нека побараат мерењата да се извршат од нивна страна, а притоа граѓаните да ја добијат вистинската состојба. Право на граѓаните, а обврска на власта е граѓаните да знаат за загадување на воздухот. И власта не смее да бега од својата одговорност. Доколку оваа власт  не може да го реализира она што го вети, треба веднаш да си замине. Лицемерие и крајна неодговорност е да ветувате справување со загаден воздух, а да потрошите половина мандат без притоа да преземете ниту една мерка или било што да направите на тој план. Државата не може да функционира на принцип на лаги. СДСМ мора да си замине, изјави Колариќ.

Утринава апликацијата „Мој воздух“ покажува неверојатни 1999 ПМ честички во воздухот во скопската населба Ѓорче Петров.