Луѓето над 65 години во Европа практикуваат подолги патувања, бидејќи по пензионирањето имаат слободно време, а македонските пензионери се борат за гол живот и да преживеат со ниските пензии.
Пензионерите со просечни 19.000 денари не може да живеат нормално. Инфлацијата, ги „изеде“ и покачувањата од последниве една и пол година. Трошоците за лекови,растат правопропорционално со возраста, а голем дел од терапијата што ја примаат не е на позитивната листа на Фондот за здравство, пишува Слободен печат.
Како што објавува весникот, дури 25,2 отсто од пензионерите земаат пензии од 11.897 денари до 15.250 денари, а просекот на сите пензии е точно 19.106 денари. Нема за патувања, а многу изнемоштени лица не може да си дозволат сместување во дом за стари лица што чини најмалку 500 евра месечно.
Ако погледнеме статистички податоци од Евростат, шведските пензионери најмногу патуваат, но слични навики имаат и пензионерите од Данска, Холандија, Франција, што не е случај со македонските, пишува економскиот портал Фактор.
И додека луѓето над 65 години во Европа практикуваат подолги патувања, ослободени од обврски по пензионирањето и со доволно слободно време, македонските обично патуваат организирано и најчесто во земјава.
– Ние имаме годишна програма за екскурзии, пролетни и есенски. Пензионерите по симболична цена посетуваат места во Македонија, манастири, излетнички места. Ние сме за зголемување на стандардот на пензионерите, но тоа да биде реално, издржано и да се направи по институционален пат, вели Даница Петличкова, претседателка на Здружението на пензионери Битола.
За Фактор од туристичките агенции објаснуваат дека македонските пензионери за одмор обично ја бираат соседна Грција, дел Албанија, но тешко можат да си дозволат посета на поскапи и подалечни дестинации.