Иницијативата за референдум поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ до Собранието се очекува да добие разрешница во текот на неделава, откако ќе биде примена од претседателот на законодавниот дом Талат Џафери.
Изминатиот викенд не изостанаа „препукувањата“ околу иницијативата за референдум меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваат власта дека подготвува план за отфрлање на иницијативата за референдум, додека владејачката СДСМ нагласуваат дека иницијативата за референдум на Христијан Мицкоски е против македонскиот јазик, прави штета на идентитетот, а е насочена директно против евроинтеграцијата на државата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, вчера во Кавадарци изјави дека доколку се точни написите во кои се вели дека власта се подготвува за отфрлање на референдумската иницијатива за поништување на договорот со Бугарија, која ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе до Собранието, „тогаш ќе се потврди дека кај СДСМ и ДУИ владее страв од волјата на народот“.
-Бегаат од предвремени избори, бегаат од народот, единствено не бегаат од криминалот и кражбите. Не заслужуваат да се викаат Влада. Прават сѐ да ги влошат односите со опозицијата. Јас уште еднаш ги предупредувам дека единствената одговорност ќе биде кај Владата, бидејќи не покажува демократски капацитет. Ова е одлична можност за демократско изјаснување на народот и на референдум и на предвремени избори, рече Мицкоски.
Сепак, тој изрази надеж дека станува збор за шпекулации и дека треба да се остави на претседателот на Собранието, Талат Џафери, да даде зелено светло за иницијативата по што ќе се тргне во поход по потребните 150 илјади потписи за да се оди на референдум.
-Да гo оставиме Талат Џафери да го каже својот збор и да одиме на собирање на потребните потписи за организирање на референдум за поништување на договорот со Бугарија, рече Мицкоски.
Од СДСМ, пак, велат дека иницијативата за референдум на Христијан Мицкоски е против македонскиот јазик, прави штета на идентитетот, а е насочена директно против евроинтеграцијата на државата.
-Сите официјални институции на Унијата потврдија дека процесот на преговори за членство го водиме како Македонци со заштитен македонски идентитет, со чиста формулација на македонскиот јазик. Но, Мицкоски по секоја цена дејствува антиевропски и на штета на државните и националните интереси, без какво било чувство за државност, своите политики ги води според личните потреби и интереси. Со иницијативата за референдум, со активните и пасивните блокади Мицкоски сака да го попречи нормалното функционирање на државата, во време на економска и енергетска криза, работи на штета на граѓаните и на компаниите, истакнаа од владејачката СДСМ.
Од СДСМ вчера посочија дека пратеничката група на СДСМ како и секогаш во изминатите години ќе постапи државнички, а ставот ќе го соопшти откако иницијативата ќе се најде пред пратениците.
– Пред да обвинува, ВМРО – ДПМНЕ да ја научи процедурата. Иницијативата не е стигната пред пратениците и оттука ваквите обвинувања се паушални, односно тенденциозни со цел ВМРО – ДПМНЕ гласно да не го каже она што го знае, дека референдумот против ЕУ нема да успее, велат од СДСМ.
Албанските партии, се против рефередумот, бидејќи според нив, тој ќе го забави евроинтеграцискиот процес.
Според претседателот на ДУИ, Али Ахмети, Договорот за добрососедство со Бугарија треба да се почитува и да се спроведува, исто како и Охридскиот и Преспанскиот договор.
Иницијативата е поднесена за Законот на ратификација на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Бугарија. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во петокот официјално ја поднесе Иницијативата за започнување на процедура за утврдување на уредноста на Иницијативата за собирање на граѓански потписи за почеток на референдумот. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски тогаш изјави дека собрале околу повеќе од 650 потписи за не повеќе од половина час.
Прашан кои ќе бидат следните чекори доколку претседателот на Собранието ја прогласи иницијативата за неуредна, тој одговори дека внимавале со самото прашање и како ќе биде правно-формално напишана и доставена до Собранието.