Премиерот на Шпанија, Педро Санчез најави дека денеска неговата Социјалистичка партија и коалицискиот партнер, ултралевичарската Унидас Подемос денеска во Парламентот ќе поднесат нацрт-закон со што кривичното дело бунт ќе се замени со друг прекршок.

Санчез посочи дека нацрт-законот е со цел да се „смири ситуацијата во Каталонија“, каде неколку сепаратистички лидери се осудени за тоа казниво дело.

– Ќе претставиме законодавна иницијатива за реформа на кривичното дело кое би се заменило со кривично дело како во другите европски демократии: Германија, Франција, Италија, Белгија и Швајцарија. Новото дело ќе се нарекува „сериозно нарушување на јавниот ред … Мислам дека оваа иницијатива ќе помогне да се смири ситуацијата во Каталонија, истакна Санчез.

Тој додаде дека судот сè уште ќе го гони поранешниот каталонски претседател Карлес Пучдемон и уште двајца сепаратистички лидери кои побегнаа во странство во 2017 година.

– Кривичните дела извршени во 2017 година и во иднина ќе бидат во нашиот кривичен законик, иако не како кривично дело бунт, туку како прекршок наречен сериозно нарушување на јавниот ред, посочи Санчез.

– Бунт, што вклучува обид за насилно спречување на спроведувањето на законот или практикување на легитимна власт, во моментов во Шпанија се казнува со затворска казна од осум до 15 години доколку сторителот е државен службеник.

Десетина каталонски сепаратистички политички лидери се осудени на тешки затворски казни поради бунт по обидот за отцепување на покраината во 2017 година, најтешката политичка криза во поновата историја на Шпанија. Лидерите на каталонските сепаратисти подоцна беа помилувани.