На словенечките универзитети оваа година ќе можат да се запишат 2271 странски студенти.

Споредбено со минатата, ова претставува зголемување за 49 места, наменети за оние кои немаат словенечко државјанство. Интересот за студирање во оваа земја е голем, не само за младите од нашата земја, но за оние од цела поранешна Југославија. Главните причини се ова се условите кои ги нудат словенечките Универзитети. Тој во Љубљана, убедливо највисоко котира на Шангајската листа во споредба со сите други Универзитетите од регионот. Дополнително, квалитетот на живот во Словенија е на релативно високо ниво, а можностите за вработување по завршувањето на студирањето се реални.

Меѓудржавен договор за бесплатни студии

Нашите студенти, кои ќе успеат да се запишат на некој од факултетите во Словенија се ослободени од трошоци за самото студирање. Ова е резултатот од договорот кој го имаат уште пред повеќе години потпишано двете земји. Секако трошоците за живот во Словенија паѓаат на товар на студентите. Доцент д-р Јуре Ахтик и асистент професор на Универзитетот во Љубљана. Предава на Природно-техничкиот факултет и веќе има големо искуство со студенти кои доаѓаат од Македонија. Вели дека дел некои наши студенти се меѓу подобрите, но има и такви кои не успеале да се вклопат во новата средина.

Јуре Ахтик

– Кога ќе дојде Македонец да студира во Словенија првата година има време да научи да зборува словенечки, за кога ќе се запише во втора година да има доказ дека веќе го познава јазикот. Во правата година кога на студирањето тој ќе може да зборува на кој сака јазик, а целта е едноставна – да се разбереме независно дали тоа ќе биде на македонски јазик, српско-хрватски, англиски…важно е да се разбереме. Студентите од Македонија во однос на трошоците за студирање се изедначени со нашите студенти, што значи дека немаат трошоци за самото студирање. Друго нешто што е важно за студентите од странство е дека барем во Љубљана и Марибор има добри студентски домови, на ниво солидно и за словенечки стандарди. Цените за соби во домовите се движат од 70 до 120 евра на месец. Дополнително во овие студентски домови има и мензи, каде што храната е навистина квалитетна. Ако се земат сите овие трошоци, еден студент нема да плаќа повеќе од 200 евра месечно за сместување и храна. Според моето искуство добар дел од студентите кои доаѓаат од Македонија по завршувањето на студиите остануваат или сакаат да останат во Словенија – изјави д-р Ахтик за МИА.

Студентите во Словенија се задоволни од студентскиот живот

Како и професорите, така и студентите имаат различни искуства со студирањето во Словенија. Сепак, кај голем процент од нив искуството е повеќе од позитивно. Марија Најдовска од Битола е веќе неколку години во Љубљана. Моментално е на постдипломски студии на Факултетот за био-технички науки. Вели дека кога дошла да студира првите проблеми со кои се соочила се сместувањето и јазикот, но вели дека сепак има многу повеќе работи кои го прават нејзиниот престој тука квалитетен.

Марија Најдовска

– На мојот факултет, а знам дека и на другите е така, имам многу добра практична настава. Лабораториите се совршено опремени, а професорите се многу љубезни кон нас, а за што и да ни требаат тие ни излегуваат во пресрет. Ние секоја година имаме еден професор кој е ментор на генерацијата. Кога се запишавме на мојот факултет бевме јас и уште една Македонка. Професорот одма не повика и ни кажа дека доколку имаме проблем или потреба за нешто во однос на студиите и разбирањето за другите професори, ни стои на располагање во секое време, што мене лично многу ми се допадна. Во однос на јазикот ми беа потребни само неколку месеци да почнат да го разбирам и по малку да зборувам, но за една година веќе можев течно и активно да го користам јазикот. На сите оние кои планираат да дојдат да студираат во Словенија, сакам да им порачам дека тука има навистина добри услови за школување и студентски живот. Дополнително со студентска виза може преку студентскиот сервис да се најде и работа. Прилично лесно е да се најде ваква работа, а работодавците секогаш се прилагодуваат на обврските на студентите. Ова навистина го препорачувам за сите студенти тука – потенцираше Најдовска.

За неа, како и за најголем дел од другите наши студенти во Словенија, враќањето дома не е опција кога барем засега ја разгледуваат.

Студентски сервис, субвенциониран оброк и превоз, студентки домови…

Студентите во Словенија имаат навистина многу предности кои реално им го олеснуваат престојот и студирањето. Зорица Капетановa од Неготино, која е на постдипломски студии на Универзитетот во Љубљана за МИА вели дека ги искористува буквално сите привилегии кои ги има како студент.

Зорица Капетанова

– Имаме месечен билет за јавниот транспорт кој е за 50 отсто поевтин од редовниот. Имаме и студентски бонови кои покриваат дел од оброкот купен од рестораните. Студентскиот сервис исто така ни нуди можност да работиме додека студираме. Што се однесува за сместувањето за нас е навистина тешко да најдеме соба во студентските домови. Предност им се дава на студентите од Словенија, а нема ни доволно места за сите. Јас лично сум под кирија. Сепак, има некои работи кои би ги променила, а тука пред се мислам на олеснување на процедурите за добивање дозвола за престој. Како и да е, сите македонски студенти се добредојдени да студираат во Љубљана и Словенија. Професорите сметаат дека сме храбри и ни честитаат за одлуката да дојдеме и да студираме на за нас странски јазик – смета Капетанова.

Животот надвор од факултетите и студентските домови

Доколку некој сепак не најде место во студентски дом, сместувањето ќе треба да го бара во некои од многуте станови кои се изнајмуваат. Во Љубљана кириите се движат од 400 евра месечно па нагоре, така што ако изнајмите стан, надвор од центарот на градот, најверојатно ќе плаќате околу 500 евра плус 150-200 евра за месечните трошоци. Секако ако имате цимери трошоците ќе си ги поделите, нешто што го прават речиси сите студенти тука. За превоз во Љубљана автомобил не ви треба. Јавниот транспорт е добро организиран и точен, а според многумина велосипедот е најдобрата опција. Храната во рестораните е квалитетна, а цената секако зависи од тоа што и каде јадете. Генерално за една голема пица би платиле од пет до петнаесет евра, за кафе од едно до две и пол евра, бургерите се од шест до десет евра. Во маркетите е поевтино, па за помалку пари можете да си набавите повеќе храна.

Во Љубљана и другите градови има многу библиотеки кои ќе можете да ги користите за учење. Дел од нив се бесплатни, а за дел треба да се плати надомест кој сепак не е висок.

Александар Видиновски за МИА