Педесет и петгодишен ловец од Кочани утрово е тешко повреден при истрел од ловечка пушка на негов колега. Инцидентот се случил во атарот на селото Јастребник на падините на Осоговските Планини, а ловецот се здобил со прострелна рана во пределот на стомакот.
– Наша интервентна екипа учествуваше во извлекувањето на повредениот од стрмниот и тешко пристапен терен на кој ловел. Со сериозна повреда на левата страна од слабинскиот дел го предадовме на итната медицинска помош, која го транспортираше до болницата во Кочани, истакна Благој Паунов, командир на
Територијалната противпожарна единица.
Од Одделението за внатрешни работи информирата дека ловецот кој пукал во својот колега е приведен и против него е поведена истражна постапка, а ловечката пушка е одземена.
Оваа ловечка сезона зачестија ловечките несреќи во кои досега се регистрирани и неколку со смртни последици.