Во следните денови во Дојран ќе биде одржан нов состанок на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти на Северна Македонија и Грција, а очекувањата и амбициите се до следната учебна година да бидат отстранети иредентистичките и историски погрешните точки од наставните програми, вели грчкиот заменик министер за надворешни работи Маркос Боларис, кој воедно е и на чело на грчката комисија, во интервју за новинската агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.
– На следната средба на комисиите, двете земји ќе се фокусираме на испитување на учебниците за основно образование во Северна Македонија. Конкретно ќе се испитаат учебниците по историја и географија. Посебен акцент ќе биде ставен на илустративните елементи, како што се сликите и мапите кои имаат иредентистички и ревизионистички елементи, објаснува заменик шефот на грчката дипломатија.
Боларис во интервјуто ги споменува и трите барања кои грчката страна ги доставила до македонската страна на првата средба во Солун, точки за кои, веќе објави МИА минатиот месец: наставниците и професорите во предавањата да избегнуваат материјали што содржат иредентизам и ревизионизам, од учебниците да се исфрлат античките грчки симболи и да се отстранат картите на Голема Македонија.
-Аналитичните наставните програми кои ќе ги издава Министерството за образование на Северна Македонија за наставната програма 2019-2020, ќе даваат јасни и категорични упатства до наставниците и професорите да не предаваат материјал кој во сите претходни години беше користен како иредентистички и ревизионистички, вели Боларис во однос на првото грчко барање и објаснува дека ова се однесува на „пропагандата за односите на словенскиот народ од Северна Македонија со античката грчка култура“.
Второто грчко барање било од сите учебници за основно и средно образование да се отстрани секаква слика, симбол, цртеж или фотографија што е поврзан со иредентизмот и ревизионизмот. Додека пак третото се однесува на мапите вклучени во учебниците, но и оние кои што се користат како помошен материјал или се закачени во училниците и „прикажуваат иредентизам и ревизионизам, доста пропаганден материјал што во очите на малите ученици ги прикажува лажните и пропагандни претстави за „Голема Македонија““.
-Нашето споменувањето на горенаведените прашања, споменување целосно базирано на духот и содржината на Договорот од Преспа, беше јасно и прифатено од другата страна. Ние не баравме ништо повеќе од она што беше прифатено во меѓународната заедница и нема да прифатиме ништо помалку. На овој начин обезбедуваме дека веќе од следната учебна година горенаведените работи нема да бидат во наставната програма, со цел во втората фаза да следи контрола на учебниците ред по ред, нешто што веќе е започнато, вели Боларис во интервјуто за АНА-МПА, пренесе МИА.
Во однос на тоа кога ќе заврши со работата заедничкиот комитет, заменик шефот на грчката дипломатија вели дека тоа ќе се случи откако ќе се проверат сите учебници, а желбата е да се заврши ефективно и квалитетно што е можно поскоро, за од следната учебна година да се применуваат трите услови од грчка страна.
-Како од грчка страна, така и од страна на Северна Македонија, комисиите се формирани од извонредни експерти кои целосно ја разбираат работата што треба да ја направат, темелно ја познаваат историјата на двата народа, го почитуваат меѓународното право и европското законодавство и се во позиција да донесат правда и да ја прикажат историската вистина, отстранувајќи ги пропагандните потточки, илустрациите и мапите кои ги модифицираа учебниците во последниве децении, објаснува заменик министерот за надворешни работи на Грција.
Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, беше формиран во септември минатата година, а два месеца подоцна, на 2 ноември се одржа и првиот состанок.