Со оставката на Ѓоко Котевски не смее да се прикрива одговорноста на инспираторите и нарачателите, реагира ВМРО-ДПМНЕ на изјавата дека премиерот Зоран Заев бара оставка од директорот на затворот во Шутка.

– Зоран Заев и Рената Дескоска мора да сносат одговорност за тепањето на Јанакиески и Ристоски во притвор. Одговорност мора да има од Заев и Дескоска, а не истите да  се вадат на одговорност само во пониските ешалони на власта. Тепањето на Јанакиески и Ристовски е акт на деспотизам кој не смее да остане неказнет. Чинот што било дозволено тепање на притвореници е срам за демократијата, се вели во реакцијата.

Срамно и недозволиво, се додава натаму во реакцијата, властите не го спречија тепањето, туку синхронизирано се обидоа да ја манипулираат јавноста, дека истиот или не се случил и дека е незначителен.

– СДСМ не смее да бега од одговорност. Чинот на тепање на затвореници е акт на незрело и недемократско уредување, кое за жал стана државата со Зоран Заев на чело на владата. ВМРО-ДПМНЕ го повикува Народниот правобранител и сите меѓународни претставници во земјата да го испитаат случајот и да спречат понатамошно кршење на човековите права. Заев и Дескоска не можат да се кријат зад пониските ешалони на власта, граѓаните очекуваат одговорност, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ во врска со вчерашниот напад на Миле Јанакиевски и Спиро Ристевски, поранешни функционери, кои завчера беа притворени.