Има време да се донесе Законот за јавно обвинителство, верувам дека до крајот на викендот Владата може да го пушти законот со прифатените забелешки и сугестии на сите пратенички групи. Парламентот да ги искористи трите дена, понеделник, вторник и среда да го гласаме. Тоа не го нарушува воопшто датумот за одржувањето на изборите, изјави лидерот на СДСМ и доскорешен премиер Зоран Заев.
Посочи дека разговарал со сите пратенички групи и дека се поприлично блиску и останува само да го видат конечното целосно решение за да се согласат.
-Апелирам до сите. Од ВМРО-ДПМНЕ дигнав раце, ама апелирам и до нив. Имаме квалитетно законско решение. Внатре имаме фер и еднаков третман за сите, изјави Заев.
Во однос на барањата на ВМРО-ДПМНЕ за експертско решение за Законот за ЈО, Заев рече дека две години разговараат и нема ниту еден предлог и решение
– Експерти после две години? Па јас две години разговарам со господинот Мицкоски. Едно решение да дадоа, да видев едно решение да дадоа. Експертите им се сите на располагање. Две години поминаа. Па каква е сериозноста и пораката кон граѓаните. Несериозно е однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и таквото несериозно однесување ќе се докаже и на изборите, изјави Заев.
Повторно нагласи дека изборите ќе се одржат на 12 април, потсетувајќи дека постои можност само за одложување на распуштањето на Парламентот.
– Парламентот дали ќе се распушти на 12 или на 14, 17 законот тоа го дозволува. Како што речеТалат Џафери важно е да се запазат неопходните рокови на ДИК за спроведување на изборите. Тие се некои 52-3 дена, изјави Заев.
Изрази уверување дека може навремено да се завршат работите, вклучително и гласањето на законот за ЈО, ратификација на НАТО протоколот и Законот за одбрана.
Во однос на промените на изборните единици, рече дека проблемот е што нема аргументи за каков било договор, бидејќи податоците кои ги имаме се од пописот во 2001 година.
– Ако нешто тргнете да менувате мора да има соодветна база. Кој податок да го земеме. Можеме да направиме само непоправлива штета во делот на нерамномерната застапеност во парламентот. Некаде може да имаме 20 мандати од една изборна единица на излезени 140 илјади гласачи, а некаде 20 мандати на 240 илјади гласачи. Тоа не е еднаква застапеност во парламентот. Волја има, но не можеме тоа да го аргументираме ниту законски, ниту пред народот, зошто нема податок што може да го земеме што ќе биде основа за промена на границите на изборните единици, изјави Заев.
За точката за распуштање на парламентот, рече дека треба сите да ја гласаат како што е договорено.
– Ако дотогаш протоколот за НАТО не е изгласан, зарем треба да го распуштиме парламентот? Не, треба да го изгласаме протоколот за НАТО, треба да го изгласаме Законот за одбрана и треба да го ставиме на гласање Законот за ЈО. Многу важни работи за нашата интеграција за НАТО и ЕУ. Најмалку, да бидеме одговорни пред своите граѓани, ќе направиме обид за гласање на овие закони, изјави Заев.