Бившиот премиер и актуелен претседател на СДСМ, Зоран Заев, денеска ја „дигна“ уште повисоко просечната плата во Република Македонија. Наместо досега ветуваната (и нереализирана) од 500 евра, Заев вети 550 евра до крајот на мандатот.

– СДСМ до крајот на мандатот на новата влада ветува дека ќе ја зголеми минималната плата на 20.000 денари, а просечната ќе изнесува 34 илјади денари, најави Заев на прес-конференцијата во Штип.

Заев рече дека и пензиите ќе се зголемуваат согласно трошоците на живот, а најниските пензии ќе се зголемат за 21 отсто до 2024 година.

Башка од тоа, Заев вети дека, владата на СДСМ во новиот мандат ќе изгради експресни патишта во должина од 300 километри и локални патишта во должина од 950 километри и ќе продолжи со сериозни инвестиции во гасификација. За ветените 500 км автопати што требаше да ги направи, не спомна ништо.