Ве охрабрувам да ризикувате да преземате активности за да ги реализирате своите идеи и својот потенцијал во нови бизниси, а владите ќе ве поддржат, истакна премиерот Зоран Заев, кој денеска преку интернет врска учествуваше на конференцијата „Западен Балкан: Еден регион, еден пазар – Чекор кон заедничкиот пазар на ЕУ“.
На регионалната конференцијата, што се одржува во Нови Сад во организација на Фондот за европски прашања на Автономната Покраина Војводина, Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Регионалниот форум за младинско лидерство, учествуваа повеќе челници и претставници на влади, невладини организации и членови на бизнис заедницата од регионот, кои разговараа за регионалните иницијативи како дел од политиката на проширување на ЕУ кон Западен Балкан, со акцент на придобивките на најновата иницијатива „Отворен Балкан“ и создавање на заеднички пазар за земјите од Западен Балкан.
– Ние како влади, работиме и соработуваме, подготвени да ги слушнеме потребите на граѓаните, припадниците на бизнис секторот и коморите и водени од таа цел, заедно со лидерите на Србија и Албанија преземаме чекори и иницијативи за олеснување на нашата соработка, за надминување на бариерите и проблемите со цел создавање еден заеднички пазар и унапредување на економската соработка, рече Заев.
Тој посочи дека преку Берлинскиот процес се воспостави рамка и се дефинираа конкретни активности во сите области на таканаречените четири слободи на ЕУ, збогатени со дигитален, инвестициски, иновациски и индустриски столб.
Според премиерот, регионот на Западниот Балкан има обезбедена солидна основа за натамошен економски развој и соработка во социјалната и културна сфера.
– Она што следи во регионот е прво, унапредување на регионалната трговска размена на стоки и услуги, како и движењето на луѓе, капитал и знаење, што во прв ред претпоставува отстранување на сите постоечки бариери за слободата на движењето. Потоа, неопходно е надградување и на процесот на дигитализација во сите држави, преку обезбедување на дигитални вештини, дигитална инфраструктура и дигитална безбедност. Конечно, ќе следи подобрување и на конкурентната способност на сите економии од регионот, паралелно со промовирањето на „зелен развој“ и транзиција, преку различни видови на активности, додаде Заев.
Премиерот во своето обраќање се осврна и на важноста на младинското претприемаштво, регионалната соработка и економскиот развој, истакнувајќи дека сите напори на владите на трите земји од регионот е насочена кон обезбедување на успешна иднина за младите, со цел економски развој, подобрувањето на условите за живот, како и совладувањето на причините што младите ги мотивираат, па често и принудуваат да се иселуваат во странство.
– Знаеме дека младите луѓе на Балканот деловното работење го нарекуваат „бизнис“. Во таа смисла, претприемништвото е всушност „бизнис“, облик на деловна активност и деловно работење. Но, претприемништвото е и повеќе од тоа, односно тоа исто така претставува и вид на карактерна особина која ја поседуваат некои луѓе. Затоа, ве охрабрувам, ризикувајте, преземајте активности за да ги реализирате своите идеи, а ние, владите од регионот, ќе ве помагаме и ќе настојуваме да создадеме најповолна бизнис клима, истакна Заев.
Премиерот Заев заклучи дека за успешна регионална соработка е најважна поддршката од сите граѓани, кои треба да сфатат дека Берлинскиот процес е создаден за земјите од Западниот Балкан, а конкретната соработка меѓу овие земји може само да придонесе за побрзо реализирање на евроинтегративните процеси и унапредувајќи ја соработката со останатите членки на Унијата.