Педесет години од Програмата на македонски, како еден од најкредибилните извори, е од огромен придонес во информирањето на граѓаните на нашата земја, рече премиерот Зоран Заев кој денеска прими делегација на Дојче Веле.
Германскиот медиумски сервис оваа година слави 65 години од своето постоење и 50 години од Програмата на македонски јазик.
Делегацијата на Дојче Веле со главната уредничка на Европската програма Аделхајд Фајлке, заедно со уредникот на Програмата на македонски јазик Борис Георгиевски, придружувани од амбасадорот на СР Германија во нашата земја Томас Герберих и советничката во амбасадата Бјанка Зафировиќ Орданоска, се заблагодарија за можноста да се сретнат со премиерот Заев по овој повод и ја нагласија своето задоволство што во исполнувањето на нивните професионални медиумски обврски, во Владата и во нејзините претставници имаат соговорници кои се постојано достапни и транспарентни за своите политики.
Според Заев кој беше во придружба на министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски, Дојче Веле останува и натаму етаблиран промотор на демократските вредности, медиум со голема доверба меѓу граѓаните на нашата земја.
-Дојче Веле, со својата Програма на македонски јазик, продолжува да биде мост на соработка меѓу С. Македонија и Германија, да ги поддржува демократските процеси во С. Македонија и да биде промотор на взаемните интереси за интеграција на двете земји во евро-атлантските структури, истакна премиерот.
По повод јубилеите на Дојче Веле и на Програмата на македонски, претседателот на Владата на уредниците Аделхајд Фајлке и Борис Георгиевски им подари плакета во знак на благодарност за нивното високо професионално известување за настаните и процесите во нашата земја.