Растот на Бруто домашниот производ (БДП) од 13,1 процент во вториот квартал од годинава укажува дека кризата одминува и економијата заздравува, оцени денеска премиерот Зоран Заев.

Во обраќањето на Првата годишна конференција, што ја организира Министерството за финансии, Заев осврнувајќи се на денешните статистички податоци за БДП, рече дека тие се потврда дека економијата е стабилна и ќе расте.

– Официјално е објавено од Заводот за статистика дека во вториот квартал од годинава е регистриран позитивен раст на Бруто домашниот производ во износ од 13,1 процент. Ова значи дека првото полугодие од оваа година постигнавме раст на БДП од 5,6 проценти, истакна Заев.

Според проекциите на Владата годинава економијата ќе бележи раст од 4,1 процент, а очекувањата се дека извозот ќе бележи раст од 10,6 проценти и бруто-инвестициите осум проценти.