Дојде време Европа овде да ја донесеме во Крушево, во Македонија, порача премиерот Зоран Заев на денешната трибини на „Излези За европска Македонија“ во Крушево.
Тој посочи дека референдумот на 30 септември ќе каже јасно во кој правец треба да се движи Македонија.
– На 30 септември носиме историска одлука. Нашиот народ и претходно носел историски одлуки. Овде во Крушево на Илинден ја создал првата република на Балканот и втората во Европа. Крушево ја донесе и девизата обединети во нашата различност. Ајде да и докажеме на Европа дека Македонија е Европа, рече Заев.
Нашата генерација има чест да ја испишеме модерната историја и за неа да учат нашите деца и внуци.
– Конечно нашиот народ треба да дојде до она што е најпосакувано – да бидеме членка на НАТО и ЕУ. Не ни е лесно, бидејќи треба да ставиме географска одредница на името, но добиваме конечно вековно признавање на нашиот народ и јазик. Тоа ги отвора портите да имаме достоинствен живот и овде да го живееме. Убеден сум дека она што го постигнавме со Договорот со Грција е конечно постигнување на она што го сакале нашите претци. Со него добивме наше парче земја која е призната од целиот свет и никој повеќе нема да не понижува со ФИРОМ и слично, потенцира Заев.
Тој посочи дека за Северна Македонија нема план „Б“ и повика доколку има некој да го каже.