Започнавме со пошумување со 600.000 садници багрем и инвестирање во животната средина на овој автопат, порача денеска премиерот Зоран Заев на церемонијата по повод пуштањето во употреба на автопатот Скопје – Штип.
Заев заедно со министрите Оливер Спасовски, Горан Сугарески, Трајан Димковски, како и пратеници и амбасадорката на НР Кина, свечено го отворија овој автопат, кој околу 90 проценти беше изграден уште пред да дојде Заев и СДСМ на власт.
– Граѓаните добија модерно автопатско поврзување и побрзо стигнување до посакуваните дестинации во источниот дел од Македонија. Се скратува времето на возење до 25 минути помеѓу многу градови од овој регион. Ако претходно патувале еден час, сега патуваат за помалку од 30 минути по максимално безбеден пат. Оваа нова врска е исклучително важна за рамномерниот регионален економски развој што е важен предуслов за инвеститорите и мултиплицирање на нивниот капитал. Започнувањето на изградбата на автопатот Скопје – Блаце и завршувањето на автопатот Кичево – Охрид ќе биде голем поттик за инвеститорите. Покрај инфраструктурата, стабилност ќе понуди и владеењето на правото, и така ќе се вработат многу луѓе во државата. Поврзувањето со соседите ќе биде наш висок приоритет. Огромна благодарност и до Народна Република Кина, која го одобри кредитот за доградба на автопатот Кичево – Охрид, рече Заев.
Тој додаде дека „преку соработката покажуваме дека имаме подготвеност за надминување на затегнатите состојби“.
– Овој автопат останува во трајна сопственост на граѓаните на С. Македонија и на компаниите. Ги тргнавме сите пропусти и благодарност до Синохидро, Бетон и Гранит, кои работеа неуморно. Сега започнува пошумувањето со 600.000 садници со багрем и инвестирање во животната средина на косините на овој автопат. Заедно ја градиме С. Македонија и ја правиме убаво место за живеење,порача Заев во церемонијалниот говор.