Мандатарот на новата влада и лидер на СДСМ, Зоран Заев на денешната прес-конференција пред Собранието, претставувајќи ги 19-те министри пред да го поднесе предлогот за гласање на нова влада, рече дека во моментов се запленети 11 милиони евра од перење пари преку дијализните центри во Македонија.
Тој рече дека од правосилните судски пресуди, а не од извршната власт зависи колку ќе заврти бројчаникот на Порта Македонија во центарот на Скопје.
-Бројчаникот е поставен, го платив приватно. Тој зависи од правосилни судски пресуди и заплена на имот. Овој бројчаник треба да заврти 18 милиони евра од заплената на имотот на „Трансмет“, кој е завршена постапка. Се завршуваат правните процедури за да инкасира буџетот на државата со продажба на самиот имот. Еден милион евра од Финансовата полиција се веќе завртени. Со сите пресуди, каде ќе се утврди одговорност, се носат и пресудите за материјалното плаќање за обештетување на државата. Бројчаниот зависи од судските пресуди, не од
извршната власт. Од извршната власт, значи, оставање на процесот на правосудството на независен начин да ги утврдува сите овие постапки, со конечните права на жалба на секој граѓанин кои ги има со Устав. Знаете дека имаме постапка на заплена на пари од дијализите, кои се 3 милиони евра запленети во наши банки, 8 милиони евра во италијански банки, не знам каде се. Ако Обвинителството докаже дека е тоа така, преку судски постапки и тие ќе завршат 11 милиони евра на бројчаникот, рече Заев.
Прашан дали останува на ставот дека секој кој згрешил пред законот дури и Сашо Мијалков и Никола Тодоров треба да одговара, Заев рече дека отстапки ќе нема во борбата против криминалот и корупцијата.
– Ако си дозволиме било кој за кого постојат основани сомненија, докази и аргументи, да ја избегне правадата, тогаш сме ја уништиле државата. Еден од главните постулати е борбата против криминалот и коурпцијата, владеењето на правото и еднаквост пред законите на сите и тука отстапки нема да има, порача бившиот премиер и актуелен мандатар на новата влада.
Инаку, познато е веќе дека „бројчаникот на Заев“ е запрен како „часовникот на 5:17“ на Музејот на Скопје. Освен таламбасите со поставувањето на бројчаникот, граѓаните не видоа никаков друг ефект. Напротив, откако е поставен бројчаникот на Заев се случија уште многу тендери, афери и грабежи на пари од граѓаните.