Премиерот Зоран Заев, како и други владини функционери, до пред неколку дена манипулираа со бројка од околу 50.000 нови отворени места, а вечерва Заев ја дигна вработеноста на точно 54.391 нововработен за само две години.

– Невработеноста падна на 17,5 отсто. За 2 години во С. Македонија имаме нови 54.391 вработувања. Економските политики на Владата даваат сериозни резултати. Стандардот се зголемува и со покачување на платите за ефективни 10 отсто во последните 2 години, а со тоа се зголемува и јавната потрошувачка. Градиме силна економија за сите граѓани, објави вечерва Заев на Фејсбук.

Така вработувањето расте не од ден на ден, туку од час на час, а невработеноста исто така паѓа од час во час на историски најниски граници. Мал проблем се само илјадниците млади кои ја напуштаат земјава, како што објавивме пред неколку денови само во еден ден од Делчевско во странство заминаа околу 1.000 Македонци.