Во 2020 година вкупниот приход од царини, ДДВ, акцизи и други надоместоци е повисок за 4,8 отсто во однос на планираното. Овие показатели на годишно ниво, во време кога заради пандемијата значително е намален интензитетот на економијата и трговија, со своето високо професионално и чесно работење царинските службеници и Царинската управа на Македонија се покажа како сериозен и еден од најголемите учесници во полнењето на Буџетот на нашата земја.
Ова го порача премиерот Зоран Заев во видео обраќање во кое на царинските работници и на Царинската управа им го честиташе 14 Април – Денот на Царинската управа, што се одбележува втора година по ред. Нагласува дека огромен дел од овие приходи Владата го врати и го пренасочи назад кон граѓаните и деловната заедница за одржливо работење, за зачувување на работните места и за животниот стандард. Овие факти, посочува, сами по себе зборуваат колку значајна е улогата на Царинската Управа во креирањето на економскиот амбиент во државата.
-Втора година по ред нашите цариници и Царинската управа го одбележуваат – Денот на царината, во посебна, вонредна состојба заради мерките за спречување на ширењето на корона вирусот. Но и во такви услови им оддаваме признание за нивната посветеност и заради исклучителните и неопходни напори што ги прават, заедно со сите органи и министерства во Владата за одржување на економската активност и поддршка на работењето на економските оператори во меѓународната трговија и во извозот и увозот, вели Заев во честитката.
Царинската управа и царинските работници, прецизира, се првиот контакт со нашата земја – тие се лицето на Македонија, а цариниците се дел од најизложените наши сограѓани на заканите од вирусот.
-Сепак, и во вакви услови тие ги прифатија предизвиците за да се обезбеди брзо и непречено прекугранично движење на стоки, патници и транспортни средства.
Царинската Управа го прифати концептот за европско царинско работење и спроведе низа мерки за олеснување на работата на сите учесници во царинските постапки. Како резултат на посветеноста на вработените на сите нивоа остануваме лидери во дигиталното работење. Огромен дел од царинските постапки кои се реализираа на хартија сега се заменети со електронски постапки и од овој месец извозот од државата се врши целосно електронски и безхартиени, потенцира Заев.
Упатува срдечни честитки до сите царински работници по повод нивниот Ден на Царината.
-Пред сѐ ви посакувам здравје. Во име на сите наши граѓани и компании ви посакувам успешно да продолжите со примената на сите соодветни инструменти со кои учествувате во економското консолидирање на земјата во услови на КОВИД-19. Тоа е значаен, исклучително значаен придонес на царинските службеници во постигнувањето на нашата заедничка цел – да им го вратиме нормалното секојдневие на граѓаните колку што е можно побргу. Нека е честит 14 Април – Денот на царината, посочува Заев во видео обраќањето.