Национализмот може да донесе одредени придобивки за политичарите кои поттикнуваат ваков вид чувства, како што се пораст на популарноста, одржување на моќта и префрлање на вниманието од домашната политика, но на крајот тоа длабоко им штети на општествата, вели поранешниот премиер Зоран Заев во интервју за Академската мрежа за поддршка на политиката на ЕУ кон Западен Балкан.
– Национализмот може да ја уништи мојата земја од внатре, но може да им наштети и на односите на С. Македонија со Грција и Бугарија, бидејќи провокациите и националистичката реторика може да им обезбеди на премиерите на Грција и Бугарија, доволно причини да преземат мерки против нас за да го заштитат нивното достоинство и гордост. Значи, национализмот не придонесува за градење пријателства, не поттикнува врски, не обезбедува просперитетна иднина, вели Заев.
Тој прави паралела меќу национализамот и патриотизмот, потенцирајќи дека за разлика од национализмот, патриотизмот им дава силен поттик на луѓето да работат кон подобра иднина.
– С. Македонија е горда на нашата историја, но она што е најважно е иднината. Иднината е нешто што треба да го гарантираме и подобриме. Многу се плашам од национализмот, можеби затоа што сум од Западниот Балкан. Свесен сум што се случи во другите делови на светот поради национализмот, а политиката на национализам кога е радикализирана, придружена со популизам, дефинитивно може да стане погубна. Има многу отрови во светот, но еден од најлошите е национализмот. Оние кои го користат за да задоволат политички интереси кои служат за себе, понекогаш забораваат да си ги исчистат рацете и трујат сè, ширејќи непријателство во општествата, вели Заев.
Заев во интервјуто говори и за Преспанскиот договор, што го постигна со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, оценувајќи дека овој документ претставува вистински успех, бидејќи ни даде можност да ја покажеме нашата способност за решавање на надворешнополитичките прашања по мирен пат, со примена на мека моќ.
Тој посочува дека ЕУ сака да избегне увоз на билатерални проблеми, па затоа со нормализирањето на односите на земјава со Грција, е отстранета значајна пречка што го блокираше нејзиниот пат кон интеграција, а вградувањето на европските вредности во земјата може само да придонесе за демократско обединување на целиот континент.
– Ја покажавме нашата силна посветеност на вредностите на демократијата, дијалогот и компромисот. Затоа, мислам дека можеме само да додадеме вредност на Европската Унија. Поточно, постои услов според кој пристапувањето на една земја не може да се оствари се додека има билатерални проблеми со земјите членки, наведува Заев.
Тој вели дека и покрај големите придобивки од Преспанскиот договор, при неговото усогласување најважно било да се заштити македонскиот идентитет, но и да се мисли на подобрата иднина на граѓаните, исклучувајќи ја важноста на политичката кариера.
– Јас и Алексис Ципрас никогаш нема да жалиме за компромисите што ги направивме, бидејќи граѓаните од двете страни знаат дека не само што „деценискиот спор“ најде конечна разрешница, туку и отвори пат за стратешко партнерство меѓу двете земји. Договорот дава цела рамка која овозможува идна соработка, вели Заев.
Во однос на членството на Македонија во НАТО, Заев нагласува дека тоа е особено важно за земјава, но и за целиот Западен Балкан, бидејќи регионот е мултиетнички и полн со конфликти кои се генерирани низ историјата.
– Пред 18 години мојата земја доживеа конфликт, многу луѓе загинаа, млади луѓе, а да не зборуваме за Косово и Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија…, токму затоа има многу чувствителни прашања во овој регион. Затоа е потребна поголема безбедност, сигурност. Да се биде членка на НАТО не значи само сигурност и безбедност за нашата земја, туку тоа има и големо позитивно влијание врз регионот. Дополнително, во сите овие земји има различни религиозни групи, а верскиот радикализам сè уште демне. Покрај тоа, Западен Балкан се состои од земји во развој и има голема сиромаштија. Сите овие фактори можат лесно предизвикуваат конфликти, вели Заев.
Затоа, според поранешниот премиер, НАТО значи внатрешен мир, стабилност, безбедност, услови кои веднаш го фаворизираат економскиот развој, го подобруваат нашиот финансиски кредибилитет и овозможуваат нови работни места.
На прашањето дали во земјава има руско влијание, Заев нагласува дека пропагандата од Москва е присутна во целиот регион, па и во Северна Македонија и дека Русија се противи на проширувањето на НАТО и ги одржува своите политички, економски и енергетски интереси.
– Клучното прашање е каде ќе одлучиме да одиме, со кого да ја зголемиме соработката. Ние сме мала земја и добро е да соработуваме со сите. Меѓутоа, Русија, Кина и Блискиот Исток треба да знаат дека ја донесовме нашата одлука, која произлегува од нашето суверено право, да бидеме дел од НАТО и Европската Унија. Зошто? Затоа што ова ќе ни даде подобар живот. Тие ќе го прифатат тоа целосно, се надеваме и тоа ќе ни даде можност да соработуваме со сите, но секако без да го загрозиме нашето учество во НАТО и во Европската Унија, додава Заев.
Така мисли Заев, а во видеото може да се види и слушне што мислат Македонците во Егејска Македонија за „заслугите на Заев“.